Одржани предавања на теми: „On line платформи за справување со лажни вести” и „Современи вештини на системското инжинерство”

На Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, се одржаа две предавања на теми:  „On line платформи за справување со лажни вести” и „Современи вештини на системското инжинерство”.

Своите искуства пред студентите на Факултетот ги пренесоа д-р Анета Шијакова, која има долгогодишно работно искуство во медиумите, и Пеце Најдовски, системски и софтвер инженер  од Австралија, со долгогодишно искуство во областа на real-time и embedded системите.

Предавањето „On line платформи за справување со лажни вести” стави акцент на современите сервиси за проверка на факти, како и на примената на вештачката интелегенција во борбата против лажните вести на глобално ниво, особено откако сопственикот на Facebook, Марк Закерберг, во интервју за CNN потврди дека нивните алатки за вештачка интелигенција открија голем број лажни профили од Македонија за ширење лажни вести, во време на специјалните избори во Сенатот на Алабама.

Како идни креатори на веб содржини, но и пренесувачи на медиумски информации преку веб портали, студентите добија насоки како да препознаваат лажни вести. Целта е да се подигне свеста дека добриот информатичар е мултидисциплинарно едуциран професионалец во областа на дигиталната и медиумската писменост, со што ќе умее да креира комплетно квалитетни веб содржини.

Пренесувајќи ги искуствата од Австралија, Најдовски стави акцент и на тоа дека студентите покрај информатичките вештини, треба да поседуваат современи знаења и вештини од областа на системското и софтверското инжинерство. Познавањето на основните принципи и практики во овие полиња ќе ги оспособи студентите за современ и систематски пристап кон извршувањето на професионалните задачи. Заради подобра илустрација, Најдовски стави акцент на процесот на системско инжинерство т.н. “The System Engineering Process – the V model” кој се употребува за изработка на хардверски и софтверски решенија.

Исто така, Најдовски посочи дека меките вештини (soft-skills), како: комуникацијата и тимската работа, адаптибилноста кон условите и задачите, управувањето со времето и решавањето на конфликти, се од голема важност во професионалната работа на оние кои работат во оваа област. Воедно, големо внимание, секој поединец, треба да обрне и на менаџирањето на својата кариера во услови кога потребата за софтверски професионалци на глобално ниво расте. Трендовите укажуваат дека во иднина особено ќе бидат барани професионалци од областите: Artificial Intelligence, Augmented Reality, Data Science, Mobile Application Development, Cybersecurity, Cloud Computing и Software as a Service.

5 1 3
2 4