Одржување на битолски хакатон – Биталон

Почитувани наставници, студенти и пријатели на ФИКТ.

Факултетот за информатички и комуникациски технологии, ќе биде ко-организатор на битолскиот хакатон – Биталон. Биталонот се организира под покровителство на Министерството за надворешни работи на Израел и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија.

Ми претставува чест во името на Амбасадорот на Израел во Македонија HE Dan Oriyan и во име на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола да Ве поканам да учествувате на Битолскиот хакатон – Биталон, кој има за цел со информатички алатки да ја прераскаже приказната за македонските Евреи.

Замислата е да се креираат апликации, веб страни, интерактивни 2D или 3D мапи, анимации и сл. за Еврејската заедница и наследството што таа го има оставено во регионот на Битола.

Хакатонот ќе се одржи во Домот на Културата во Битола (фоајето на вториот кат кое ќе биде соодветно адаптирано) на 10 и 11 Март 2018, а промоција најдобрите ќе биде организирана на специјален настан на 12 Март во Скопје во вечерните часови. Трите победнички тимови ќе добијат целосно платен престој на почетокот на Јуни 2018 во Израел каде ќе посетат интересни високотехнолошки паркови, комплекси на мултинационални компании и културно-историски знаменитости.

Како ментори и судии се јавуваат еминентни експерти од Израел и Македонија, лидери на технолошки паркови, инвеститори, универзитетски професори и сл.

Повеќе детали за Битолскиот хакатон – Биталон ќе најдете на https://www.bitola-hackathon.com/, каде можете да се регистрирате за настанот.

За учество Ве молиме регистрирајте се како поединец, а во коментар напишете ги членовите вашиот тим (најмногу 5).

Максималниот број на учесници е ограничен на 80.