Работилница „Ние сме визуелни“ на ФИКТ

На 26 април 2018 година во 10:30 часот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола ќе се одржи интерактивна работилница „Ние сме визуелни!“ од страна на Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола.

Едукаторите на ФОРУМ 16 се обучени од страна на Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ да го користат аудио-визуелниот медиум (краткиот документарен филм) како помошно образовно средство во стекнувањето, канализирањето и пренесувањето на релевантни информации, знаења, ставови и вредности кои ќе водат кон искуствено осознавање на комплексниот систем на човековите права.

За време на работилницата ќе се погледе филм кој ќе ги адресира темите: уметност, популарна култура, масовни медиуми, критичко мислење, ме-диумска писменост, образование за медиуми. За избраниот филм се предвидуваат интерактивни активности кои ќе го катализираат овој процес на искуствено доживување и спознавање. Гледањето на креативниот документаррн филм создава емотивно-спознајна врска со прикажаната реалност, поттикнува на промислување и дискусија, на коментар и спротивставување на мислења.

Исто така, за време на работилницата ФОРУМ 16 ќе сподели информации за формирањето на првата кино келија во Македонија, наречена КиноБит, како дел од светското Кино движење кое значи продукција на кратки филмови во кратко време (24 до 72 часа).