„HIVE – Од игра до бизнис“

Факултетот за информатички и комуникациски технологии има чест да биде домаќин на проектот „HIVE – Од игра до бизнис“, реализиран во соработка на „ГАУС институт“ – Битола и „Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА“ – Битола, делумно поддржан и од Амбасадата на САД.

Како што стои и во агендата на денешниот настан, една од целите на проектот е отворање на работни места и можности за вработување на младите, невработените и жените во креативната ИТ индустрија за развој на видео игри.

Тоа кореспондира и со стратешката определба на ФИКТ во своите студиски програми да понуди широка палета профили на специјализација, меѓу кои е и профилот „Компјутерска графика и програмирање на видео игри“, каде што заинтересираните студенти ќе можат да изучуваат предмети како што се „Моделирање за видео-игри“, „Динамика кај видео-игри“, „Напредна компјутерска графика“, „Програмирање на специјални ефекти“ и „Вештачка интелигенција за видео-игри“.

При изготвувањето на студиската програма, во овој дел, ФИКТ се водеше од искуствата на Humber College од Торонто, Канада, каде што се нуди тригодишна студиска програма од прв циклус “Game Programming”. Имено, нивната статистика покажала дека развојот на игри е индустрија со обрт од околу 2 милијарди долари годишно и приближно 325 софтверски фирми вработуваат околу 27.000 лица. Ако се земе предвид дека популацијата во Република Македонија е 17 пати помала, тогаш можеби и има место на пазарот за 20-тина софтверски фирми, кои би вработувале повеќе од 1.000 лица.

Токму затоа, искрено се надеваме дека со овој проект ќе се мотивираат младите луѓе, креативноста, страста за игри да ја трансферираат во генератор на приход.

На сите учесници им посакуваме успешна работа во следните 30 часа – играта започнува!

sl02