Приближување на студентите кои изучуваат информатички науки до реалните компании од ИТ секторот

Со цел студентите кои изучуваат информатички науки поблиску да се запознаат со бизнис опкружувањето во оваа област, Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола за 20 студентски групи организираше работа на проекти во реални ИТ компании.

На овој начин студентите во текот на два месеци имаа можност под менторство на професори и ИТ експерти од компаниите, да работат на проекти од областа на софтверското инженерство и мрежни сервиси кои што денеска ги презентираа.

Од бизнис секторот велат дека и за компаниите е важно да воспостават соработка со квалификувани млади кадри во оваа област.

Од факултетот објаснуваат дека со вакви модели на соработка со ИТ секторот ќе се продолжи и во иднина, посебно откако оваа година факултетот изготви и нова четири годишна студиска програма за информатички науки и комуникациско инженерство при што посебен акцент ќе биде ставен на практичната работа, а што ќе носи и соодветен број европски кредити.